Во рамки на заедничка иницијатива со нашите локални партнери – IDUEP Institute (Institute for Good Governance and Euro-Atlantic Perspectives) – и партнерите од Брисел, Confederation of European Senior Expert Services (CESES) и Centre for European Volunteering (CEV), беа одржани серија подготвителни состаноци за претстојната Регионална конференција „Мостови на искуство: Зајакнување на волонтерство за одржлив развој на Балканот“, која ќе се одржи во октомври 2025 година во Скопје. 🇲🇰
Конференцијата претставува значаен чекор во подготовките за Меѓународната година на волонтерите за одржлив развој (IVY 2026) – глобална иницијатива на Обединетите нации, поддржана од 54 земји, меѓу кои и Северна Македонија. Важно е да се истакне дека речиси половина од потписничките земји се од Балканот: Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Хрватска, Бугарија, Грција и Словенија. Ова отвора значајни можности за регионална соработка и создава обврска за заедничко унапредување на волонтерството како алатка за солидарност, инклузија и одржлив развој.
Состаноци со клучни институции
Подготвителните дискусии се одржаа со државни секретари од:
- Министерство за спорт
- Министерство за економија и труд
- Министерство за социјална политика, демографија и млади
- Амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија
Фокусот беше насочен кон поддршка на системски политики кои ќе го зајакнат волонтерството и ќе го промовираат неговото општествено значење, преку изградба на одржлив волонтерски систем наместо неговата сегашна епизодна улога во општеството.
Посебен акцент беше ставен на професионалното волонтерство на повозрасната популација – лица над 50 години кои преку своето животно и професионално искуство можат суштински да придонесат во зајакнување на заедниците и поттикнување на меѓугенерациска соработка. Исто така беше нагласена улогата на волонтерството во спортот како една од најдостапните и највлијателните форми на општествено учество во Северна Македонија, особено преку ангажман на поранешни спортисти, тренери и спортски работници.
На средбата во Министерството за спорт беше презентиран и Еразмус+ проектот „Volunteering in Inclusion & Empowerment with Sports“ (VIEWS 2024–2027), кој во Северна Македонија го спроведува Македонскиот Параолимписки комитет. Проектот има за цел да ја адресира празнината во разбирањето и имплементацијата на инклузивни волонтерски програми во редовните спортски организации.
Јасна подготвеност за институционална соработка
Од состаноците произлезе силна подготвеност за заедничка работа – министерствата изразија спремност да бидат ко-организатори, да испратат покани до регионални колеги, да потпишат заедничка декларација и да обезбедат присуство на конференцијата со релевантни говорници и експерти. Финансискиот дел за организацијата на настанот е целосно обезбеден од партнерите.
Делегацијата на Европската Унија во Скопје го потврди своето учество и ја изрази подготвеноста да помогне во промоцијата и ширењето на настанот.
📅 Се гледаме во Скопје, овој октомври!


